Моќна лекција за соживот – суштинска и неопходна во ова време на глобализација – нуди претставата “Слепци” во режија на Ќендрим Ријани, а во изведба на НУ Турски театар. Базирана на истоимениот драмски текст на Морис Метерлинк, и вплетени мотиви од книгата “Погубни идентитети” на Амин Малуф, Ријани ја става „Слепци“ во локален контекст, носи приказна што е истовремено универзална, безвременска и интимно препознатлива, создавајќи длабока поврзаност со сите нас.

Драмата оригинално има 12 слепи ликови, но продукцијата е адаптирана со 10, и нивниот водач, кој умира без тие да бидат свесни за тоа. Оставени заглавени во непозната шума, принудени се да чекаат, немоќни да преземат чекори или да донесат одлука. Како што минува времето, стравот и несигурноста растат, создавајќи интензивна психолошка напнатост која ja открива нивната ранливост. Обидувајќи се да разберат каде се наоѓаат, ликовите истовремено ја започнуваат и личната внатрешна потрага. Режисерот вешто ги користи тие моменти за да ги интегрира и авторските приказни на актерите, поврзани со нивните идентитетски определби и предизвици.
Публиката ќе има можност да почувствува автентични и разновидни сведоштва за борбата со идентитетот – и на лично, и на општествено ниво – првенствено низ призмата на верските, етничките и јазичните разлики, кои остануваат едни од најизразените. Но, уште од самиот почеток, преку цитатите на Малуф, нè потсетуваат дека идентитетот на секој поединец е сложен мозаик од различни фактори – местото на раѓање, полот, образованието, професијата, семејството, припадноста кон одредени групи, па дури и физичките карактеристики или ранливостите со кои се идентификуваме. Оттука, ниеден човечки идентитет не е ист како друг, секој носи уникатна приказна, а токму во таа разновидност лежи суштината на нашето постоење.

Ријани повторно со храбри и умешни потези ги обработува актуелните, а во исто време чувствителни и суштински општествени теми, користејќи го театарот како медиум за коментар и дијалог. Но, покрај неговиот избор на теми, неговата креативност и иновативност особено се истакнуваат во начинот на кој ги поврзува текстовите, како ја структурира претставата и го користи сценскиот простор. Резултатот е исклучително уникатна и интимна атмосфера, во која публиката не е само набљудувач, туку активен учесник во заедничкото театарско доживување.
Актерите се движат и надвор од центалната мала сцена, меѓу публиката, постепено бришејќи ја традиционалната граница помеѓу изведувачите и гледачите, без притоа да ја нарушат јасноста на дејството. Повремено тие се позиционираат покрај ѕидовите на просторијата, скоро слевајќи се со нив, како да ги пробиваат физичките граници на сцената, со што се засилува потопувачкиот ефект. Додека сцените базирани на оригиналниот драмски текст задржуваат една режиска линија, оние инспирирани од личните приказни на актерите вклучуваат диверзитетни нијанси и внимателно се обликувани за да ја нагласат емоционалната сила на моментот.

Секој актер успешно придонесува за растечката драматична тензија, пренесувајќи го длабокото чувство на изгубеност и страв што ја обележува нивната навидум безнадежна ситуација. Воедно, тие внесуваат уште поголема длабочина во личните приказни, кои се преточени во динамични и живописни сцени, каде што активно се вклучуваат и другите актери, создавајќи колективно и сентиментално театарско искуство.
Иако претставата нема јасно дефинирани главни ликови, можеби најприсутна и двигател на дејството е улогата на Слаѓана Вујошевиќ, чија впечатлива изведба и вложена енергија заслужуваат посебна пофалба. Во исто време, се истакнуваат и актерите Хакан Даци и Јеткин Сезаи, кои со својата игра дополнително ја надградуваат динамиката и емотивната сила на претставата.

Костимографијата на Медина Хоџа и Маја Ѓуреска игра клучна улога во обликувањето на визуелниот идентитет на претставата. Ликовите се облечени во темна, претежно црна облека, овозможувајќи им ефикасно да се стопат со сценскиот простор и амбиентот на просторија. Сепак, внимателно додадените детали во боја и карактеристичната шминка додаваат слоевитост, нагласувајќи ја индивидуалноста и различноста на секој лик.
Музиката, внимателно и тематски селектирана од Емрах Џемаили, ја збогатува секоја сцена, беспрекорно испреплетувајќи се со наративот и го засилува влијанието на секоја приказна. Впечатливите звучни ефекти дополнително ја подобруваат атмосферата, особено во транзициите помеѓу драмскиот текст и личните наративи на актерите, со што се акцентираат промените во контекстот.

“Слепци” е многу повеќе од само театарско искуство – претставата е потресен потсетник на нашата заедничка хуманост. Преку длабоко личните приказни вткаени во претставата, нè предизвикува да погледнеме подалеку од етикетите што нè делат и да ја препознаеме вистинската сила што лежи во солидарноста. Љубовта, во нејзините многубројни форми исто така го наоѓа своето место во овој наратив, нудејќи моменти на топлина среде темнината. Како што слепите ликови мора да се потпрат еден на друг за да се движат кон непознатото, така и ние мора да ги прифатиме нашите разлики, не како бариери, туку како основа на нашата колективна издржливост. Зашто и во театарот и во животот, само со разбирање, прифаќање и застанување заедно можеме вистински да одиме напред. Ова е претстава што вреди да се гледа, не само поради нејзината моќна порака, туку и поради начинот на кој допира до публиката, отварајќи простор за размислување долго по нејзиното завршување.
*Во претставата се користат турски, македонски, албански, англиски и германски јазик, со обезбедени преводи на македонски и турски јазик.
НУ Турски театар
Режисер: Ќендрим Ријани
Музика: Емрах Џемаили
Костимографи: Медина Хоџа и Маја Ѓуреска
📷 Murat Zerka
Актерска екипа:
Џенап Самет
Хакан Даци
Јеткин Сезаир
Сузан Акбелге
Фунда Ибрахим
Несрин Таир
Слаѓана Вујошевиќ
Емине Халил
Зубејде Али
Инес Радинчиќ
Един Јакуповиќ
Следни дати: 15.03.2025 и 17.03.2025