„Госпоѓица Јулија“ во режија на Иван Јерчиќ е ретко прецизна, естетски прочистена и актерски силна претстава, во која распадот се случува тивко, елегантно и опасно блиску до гледачот. Стриндберговата драма тука се отвора како психолошки концентрирана борба за власт, водена преку внимателно дозирани односи, актерски интензитет и сценски знаци што ја носат напнатоста во погледите, паузите, предметите и постепените промени меѓу ликовите.
Во основата на приказната е една ноќ во која ќерката на грофот, Јулија, и слугата Жан ја преминуваат границата што нивниот свет строго ја поставил меѓу нив. Она што започнува како игра на заведување брзо се претвора во опасно разместување на моќта, во кое желбата, класата, полот и амбицијата се заплеткуваат до точка од која нема лесен излез. Кристина, свршеницата на Жан, стои како тивок, но силен контрапункт на нивниот распад, како фигура на редот, достоинството и моралната граница што другите двајца ја нарушуваат.
Поставена во Источната галерија на Офицерски дом во Битола, претставата го претвора блискиот, речиси приватен сценски формат во природно продолжение на режисерската мисла. Гледачите се вовлечени во драмата без заштитната темнина што обично ја овозможува театарската дистанца, речиси затекнати во туѓа соба, туѓа интимност, туѓ распад. Тоа создава чувство на тивко сведоштво и воајерска близина од која не може да се повлечеме додека драмата не се разреши.

Сценскиот простор е мала, бела, чиста и минималистичка просторија, со отменост што произлегува од прецизност, а не од раскош. Белите површини, студеното сино светло, проѕирната маса и столиците, како и грамофонот со плочите што стануваат дел од сценското дејствие, создаваат среден, речиси беспрекорен свет. Иако просторот е мал, вратите кон другите простории го прошируваат неговото значење, отворајќи одделни светови од кои ликовите доаѓаат, се повлекуваат или се обидуваат да избегаат. Во таа визуелна чистина и просторна близина, и најмалото поместување во односите добива тежина, а внатрешниот распад на ликовите станува потежок за прикривање.
Во таков простор актерската игра е целосно изложена. Прекумерната драматизација би била невозможна, дури и неподнослива, затоа што погледите, паузите, одмолчувањата и промените во дишењето се гледаат одблиску. Викторија Степановска Јанкуловска, Никола Стефанов и Марија Стефановска ја носат драмата преку концентрација, воздржаност и внатрешна психолошка точност. Нивната игра има извонредно чувство за ритамот на односите и за моментот во кој желбата се претвора во страв, стравот во напад, а нападот во распад. Емоцијата не избива одеднаш, туку постепено ја менува атмосферата, како нешто што тивко се насобира во просторот додека не стане невозможно да се избегне.

Госпоѓица Јулија на Викторија Степановска Јанкуловска влегува во сценскиот свет како фигура која сè уште ја носи привилегијата на својот статус, но и немирот на сопствената нестабилност. На почетокот таа игра, кокетира, заведува и ја испитува границата меѓу себе и Жан, но постепено ја губи контролата врз играта што самата ја започнала. Желбата ја презема, а со неа почнува да се распаѓа и сигурноста на позицијата од која влегла во односот. Во нејзиниот силен монолог, кога веќе не знае чии мисли живеат во неа, од кого се всадени и што треба да направи, распадот не е само љубовен, туку идентитетски, затоа што Јулија ја губи границата меѓу сопствената волја, туѓите манипулации и наследените општествени очекувања.

Никола Стефанов го гради Жан како лик на самоконтрола, амбиција и внимателно пресметана стратегија. На почетокот тој е прибран, воздржан, поставен во јасна служебна позиција. Но таа скромност не е слабост, туку способност да чека. Како што Јулија ја губи сигурноста, тој сè повеќе се исправува, и телесно и психолошки. Неговата учтивост постепено се претвора во контрола, надмоќ и суровост. Стефанов не го игра Жан како едноставен негативец, туку како човек во кого желбата за издигнување постојано се судира со длабоко всадената зависност од системот што го понижува.
Марија Стефановска ја поставува Кристина како центар на редот, чистотата и строгата самоконтрола. Нејзината сила доаѓа од воздржаноста, од способноста многу да види и многу да премолчи. Кога ги прекрива Јулија и Жан со долг, светол чаршав, гестот е истовремено обид да се сокрие она што е видено и болно признание дека виденото повеќе не може да се поништи. Подоцна, нејзиното луто чистење на масата станува гест на повреден ред и достоинство кое продолжува да се држи за обврската, иако болката веќе не може целосно да се сокрие.

Една од големите сили на оваа поставка е доследноста со која Јерчиќ ја води естетската и режисерската линија од почеток до крај. Просторот, костимот, светлото, музиката, предметите и актерската игра се поврзани во внимателно изградена сценска целина, каде што секој гест има јасна функција, а секој сценски знак ја продлабочува борбата за моќ меѓу ликовите. Токму таа стегнатост и прочистеност им дава поголема сила на емоциите, кои тивко се собираат во телата, погледите и паузите на актерите.
И предметите добиваат јасна драматуршка функција. Пијалоците го следат поместувањето на социјалното и интимното ниво меѓу Јулија и Жан, парите го разоткриваат сонот за издигнување како уште една верзија на амбицијата, а бричот ја поврзува секојдневната подготовка со трагичната одлука. Финалната сцена ја избегнува буквалноста на самоубиството, но не ја намалува неговата сила, бидејќи цветот што се распаѓа во водата и црвената боја што се разлева низ садот ја носат трагедијата како слика, едноставна, елегантна и болна.

Промената во состојбите и во нивото на моќ е умешно доловена и костимографски. Јулија постепено ја губи заштитната елеганција со која влегува на почетокот, а нејзината појава станува сè поранлива и сè помалку сокриена зад формата на статусот. Наспроти тоа, Жан станува пособран, визуелно посигурен и поелегантен. Костимите на Марта Дојчиновска ја впишуваат таа промена во телата на ликовите како видливо разместување на моќта. Кристина останува во линија на чистота, ред и домаќинска строгост, како стабилен контрапункт на распадот околу неа.
Музиката, избрана од режисерот, има посебна драматуршка тежина. Песните се појавуваат како мали самостојни сценски моменти, во кои драмата продолжува да одекнува на друг начин, отворајќи простор за она што ликовите не можат или не умеат да го изговорат. Завршувањето со „O jednoj mladosti“ на Јосипа Лисац додава тивок, но силен меланхоличен слој на целината. По сето она што го гледаме, таа не звучи како носталгичен украс, туку како одек на изгубена можност и младост која не успеала да ги спаси ликовите од светот во кој се родени и од улогите што ги носат во себе.

Тука претставата најсилно се допира до Стриндберговата драматургија, во која личното не е одвоено од социјалното, желбата не е одвоена од класата, а интимноста не носи ослободување, туку уште подлабоко заробување во улогите. Затоа оваа „Госпоѓица Јулија“ комуницира толку силно со денешното време. Таа нè потсетува дека во односите меѓу мажот и жената ретко влегуваат само двајца луѓе. Со нив влегуваат и статусот, воспитувањето, срамот, амбицијата, потребата за признавање и желбата некој да се издигне преку падот на другиот.
Токму затоа „Госпоѓица Јулија“ на Иван Јерчиќ станува ретко интензивно театарско искуство, во кое класичниот текст се доближува до гледачот како нешто интимно, живо и непријатно препознатливо. Нејзината сила е во начинот на кој прочистената форма, актерската прецизност и искреност ја отвораат човечката ранливост, потребата да бидеме сакани, опасноста страста или амбицијата да ни станат единствен водич, но и кревкоста на слободниот избор под притисок на општествените очекувања и наследените улоги. Од претставата останува вознемирувачкото прашање колку лесно интимноста може да се претвори во поле на надмоќ.
Режија: Иван Јерчиќ
Костимографија: Марта Дојчиновска
Светло:Никола Ѓорѓиевски
Актерска екипа:
Викторија Степановска Јанкуловска
Никола Стефанов
Марија Стефановска
ОХО продукција
