„На дното“ по текст на Максим Горки, во режија на Ќендрим Ријани, а во изведба на Народниот театар од Битола претставува потресна контемплатција за современите општествени прашања. Публиката е повикана да се соочи со длабочината на дното, во кое што се наоѓаме како колектив. Оваа моќна и висококвалитетна продукција става посебен акцент на состојбата на нашиот здравствен систем. Поставувањето на овој драмски текст во денешен контекст, впрочем ја засилува важноста на оригиналната верзија на Горки, нагласувајќи ја нестабилноста која што може уште повеќе да ги продлабочи сите наши општествени предизвици.

Наместо во засолниште за сиромашни, режисерот нѐ носи во простор што наликува на засолниште за пациенти. Во исто време, ни го открива животот на група индивидуи кои се скршени, се соочуваат со сиромаштија, разочарување и отсуство на иднина. Ваквата безизлезност им создава илузии, кои ги користат како одбранбен механизам за справување со суровата реалност која ги опкружува. Претставата ги доведува во прашање моралните последици од кажувањето на вистината наспроти нудењето утеха преку лаги, праќајќи силна порака за социјалната неправда и потребата за сочувство и реформи во сите општествени структури.

Во фокусот на режисерот Ријани е адаптацијата и современото читање на големите класици, вешто приспособувајќи ги на публиката и локалниот контекст, а притоа демонстрирајќи извонредна умешност во работата со многубројниот ансамбл во неговите продукции. Концептот, реализацијата, и изведбата на претставата се апсолутно воодушевувачки, откривајќи висококвалитетно и сложено изработено театарско дело. Шеснаесет актери ја оживуваат сцената, при што секој од нив подеднакво ги одржува нивото на енергија и квалитет—импресивен подвиг што Ријани редовно го постигнува. Вниманието кон деталите е видливо во секој аспект на продукцијата, од прецизно организираната сценски движења до фино изработените портрети на секој од ликовите.

Покрај силната илустрација на здравствениот систем, режисерот во соработка со драматургот – Билјана Крајчевска, има воведено значајни интервенции во редоследот, структурата на сцените и во ликовите. Исто така, претставата вклучува и лични коментари на актерите за состојбата во нашето општество, што дополнително ја збогатува и продлабочува нејзината порака, давајќи ѝ посебен тон и релевантност. Највпечатливата разлика од оригиналниот текст на Горки, е во последниот чин. Во оваа изведба, ликовите заминуваат од засолништето, се качуваат на воз, без да знаат каде одат, и што носи иднината…

Актерската екипа е голема и исклучителна, а секој лик е маестрално и прецизно изработен. Очигледно е дека секој актер се задлабочил во својата улога, демонстрирајќи голема посветеност кон својот лик, кој сочинува делче од фино наместена сложувалка. Во вака поставена сцена, еден погрешен чекор може да ја наруши хармонијата на целата продукција. Но, настапуваат со такво единство и прецизност што се чини дека функционираат и дишат како еден кохезивен организам, прекрасно одржувајќи ја сложената динамика на претставата. Ваквиот концепт бара огромна физичка и ментална концентрација, која актерската екипа ја одржува на импресивно ниво во текот на изведбата. Речиси сите членови постојано се присутни на сцената. Дури и кога не се директно вклучени во сценското дејство и само седат на страна, нивното присуство останува во совршена хармонија со суштината на нивниот карактер.

Сценографијата на Валентин Светозарев е извонредна. Претставата се изведува на мала сцена, а публиката е сместена од двете страни на сцената, која што е доминирана од централна платформа која се ниша во синхронизација со движењата на актерите, претставувајќи визуелна метафора за разнишаното дно. По краевите, столчиња опремени со инфузии стојат како потресни симболи на нашата колективна потреба за лекување, додека се креваме од дното. На сцената има и два големи отвори покриени со фолија, создавајќи визуелен ефект на херметички затворен простор, симболично затворен за промена. Расфрлани низ сцената се различни предмети како храна, лекови и нивни опаковки, медицински помагала, кои додаваат слоеви на значење и визуелен интерес.

Посебно внимание е посветено на костимите, дизајнирани од Андреј Папаз Ѓорѓиевски. Секој дизајн на облека и шминка е прекрасно и уникатно изведен, што ги прави ликовите незаборавни и лесно препознатливи. Овие прецизни детали се особено корисни за публиката, помагајќи ѝ да ја прати и цени индивидуалноста на секој лик во големата актерска екипа.

Музиката е вешто избрана и совршено прилагодена на емотивните нијанси на претставата, подобрувајќи ја и засилувајќи ја атмосферата токму во вистинските моменти. Посебно е впечатливо што музичарот – Александар Димовски е присутен на сцената и внимателно ги следи актерите, со голема прецизност. Ваквата синхронизација на музичката придружба и актерскиот перфоманс го интензивира севкупниот ефект, што истовремено претставува извонреден продукциски аспект.

„На дното“ заслужува повеќекратно гледање, не само поради актуелноста на темите кои го предизвикуваат вниманието и интересот, туку и поради висококвалитетното театарско искуство што го нуди. Имајќи предвид дека голема актерска екипа настапува на мала сцена, во еден таканаречен контролиран хаос, повторните посети би ви овозможиле да ги забележите финесите на секој лик од различни перспективи. Претставата поттикнува опширен разговор и дискусија, при што некои реплики остануваат да резонираат во нашите глави долго по завршувањето на претставата. Ова е продукција богата со детали и длабочина, со што секое гледање се претвора во уникатно истражување.

Народен Театар Битола
Автор: Максим Горки
Режисер: Ќендрим Ријани
Драматург: Билјана Крајчевска
Музика: Александар Димовски
Сценограф: Валентин Светозарев
Костимограф: Андреј Папаз Ѓорѓиевски
Шминка и специјални ефекти: Стефанија Стојчевска
📷 Сашо Илковски / Кети Телевска Бакревска

Актерска екипа:
МИХАИЛ ИВАНОВ КОСТИЉОВ – Никола Пројчевски
ВАСИЛИСА КАРПОВНА – Илина Чоревска
НАТАША – Викторија Степановска – Јанкуловска
МЕДВЕДЕВ – Александар Стефановски
ВАСКА ПЕПЕЛ ВАСЈА – Никола Стефанов
КЛЕШЧ, АНДРЕЈ МИТИЧ – Петар Спировски
АНА – Марија Стефановска
НАСТЈА – Сандра Грибовска – Илиевска
КВАШЊА – Елена Моше
БАРОНИЦАТА – Валентина Грамосли
САТИН – Иван Јерчиќ
БУБНОВ – Мартин Мирчевски
АКТЕРКАТА – Маја Андоновска – Илијевски
ЛУКА – Соња Ошавкова
АЉОШКА – Анастазиа Христовска
ТАТАРОТ – Александар Димитровски

Следни дати: 24.01.2025 и 25.01.2025
Карти:
Купете карти онлајн

Leave A Comment

Recommended Posts

“Слепци” – НУ Турски театар

Katerina Markoska

Моќна лекција за соживот – суштинска и неопходна во ова време на глобализација – нуди претставата “Слепци” во режија на Ќендрим Ријани, а во изведба на НУ Турски театар. Базирана на истоимениот драмски текст на Морис Метерлинк, и вплетени мотиви од  книгата “Погубни идентитети” на Амин Малуф, Ријани  ја става „Слепци“ во локален контекст, носи приказна што е истовремено универзална, безвременска и интимно препознатлива, создавајќи длабока поврзаност со сите нас.

“Ученикот” – Народен Театар “Војдан Чернодрински” – Прилеп

Katerina Markoska

Оваа продукција не само што прикажува нови, млади таленти и иновативен концепт, туку и демонстрира како овие елементи беспрекорно се интегрираат со искусниот ансамбл на Прилепскиот театар. Соработката помеѓу новите изведувачи и етаблираните уметници резултира со успешен спој на свежа енергија и докажано искуство, збогатувајќи го севкупниот квалитет и динамика на претставата.